Охрид - градот сврзник на векови и милениуми

Античкото име на Охрид е Лихнидос, а градот бил уште од најстари времиња центар на многу цивилизации. Освојувал со специфичната архитектура и огромниот број културно - историски споменици. Колку денови во годината - толку цркви и манастири над есерската синевина. Духовен и просветен центар на Балканот, Охрид бил како создаден, токму од него да зрачи просветата за еден поширок словенски простор, одовде па се до Владивосток. Токму тука, дури два века пред Болоња, Свети Климент и Свети Наум, го основаат првиот словенски универзитет, градат манастири, свои задужбини. Духот на Свети Климента и ден денес лебди над овие простори, градот живее под неговата закрила како патрон и заштитник...
Легендата вели дека праосновач на древниот град Охрид бил фениќискиот принц Кадмо, кој, заедно со античките Елениани, ја основал својата династија. Бројни објекти и „нишани" им одат во прилог на легендите. Статуетката на Дедал - првиот летач во историјата, охридската Изида, Охридската и Требенишката Златна маска, се само дел од долгиот список на артефакти од општо цивилизациско значење. Надалеку прочуениот Антички театар, кој се претпоставува дека е изграден во 4-от век п.н.е, денес е вистинска атракција од планетарни размери. И на други места имате антички театри, но никаде во срцето на градот и така поставен кон езерските води. Според повеќе извори кои датираат од Византискиот период, Охрид бил град кој е ситуиран на високите брегови над Лихнидското Езеро, по што го добил името Лихнидос, како кованица од грчките зборови Лакус Лихнитис, што значи „Бистро Езеро“. Специфичната е бистрината на охридските води, нивната проѕирност и чистота. И во овој дел Охридското Езеро е своина на Европа, бидејќи е најголемиот басен со питка вода. Охрид никој пат немал, ниту пак било кога ќе има проблем со водоснабдувањето. Но затоа пак, наша, европска и светска, општо цивилизациска е нашата одговорност, пред денешницата и иднината, да го зачуваме ова планетарно богатство.
На темелите на древните достигнувања и античките цивилизации, Охрид, со сиот блесок на целосната убавина, го продолжува својот средновековен од низ историјата. Зачетоците на христијанството и првата словенска азбука, исто така се древните атрибути на градот на „Белото Езеро“. За тоа сведочи Плаошник, возобновениот Свети Климентов манастир „Свети Пантелејмон“, во чија непосредна близина е монументалната колекција на мозаици од Римскиот период.
Во 10-от век е изградена препознатливата тврдина над градот, која го добила името Самоилова, според македонскиот цар Самоил. Во тврдината се вршат темелни археолошки ископувања, при што стручните екипи дојдоа до вредни артефакти.
Византискиот период, исто така, оставил печат врз градот Охрид. Од тој период се и најголемиот број на културно историски споменици, црквите и манастирите. Средновековието е значајно и по фреските и иконите. Тие денес се сместени во Средновековната галерија, ретка ризница на Балканот и една од трите најзначајни во светот. По вредноста, равни и се само уште Синајската и Третјаковската. Денес не може да се замисли изложба од голем формат, без охридските икони, кои патуваат во Рим, во Метрополитен музејот во Њујорк и во други светски познати изложбени простори.
Една од најпознатите и најубавите цркви во Охрид е „Света Софија“, со архитектура, фрескопис и иконопис од средниот век. Главниот дел на црквата бил изграден во 11-от век, додека фреските се датирани од 11-от, 12-от и 13-от век. Лоцирана на месноста Канео, надвисната над езерската шир, плени со својата убавина и црквата „Свети Јован Канео“, која е изградена во 13-от век. Еден е од заштитните симболи на Охрид.
Манастирскиот комплекс „Св.Наум“ се наоѓа во непосредна близина со албанската граница, на самиот брег на езерото. Бил изграден во 905-та година од страна на Свети Наум. Во црквата се наоѓа и неговиот гроб.
Градот - музеј Охрид, во себе ги содржи и западното и ориенталното. Потпрен на специфичната градска архитектура Охрид чекори и во модерното време. Можеби и пребрзо, можеби пред реалното време, поради што не секогаш ја негува врската со минатото, пред се, во архитектонското обликување. Не се внимава доволно на староградскиот архитектонски стил, особено во поглед на употребата на материјалите. Пластиката, а со неа и кичот, ја нагризуваат славната традиција. Одсудството на посебен Закон за Охрид, го направи своето. Охриѓани треба да имаат поголем пиетет кон светоста на градот и традициите. Почесто да ги прелистуваат страниците од творештвото на најголемиот поетски ум - Григор Ставрев Прличев, чија животна максима беше: „совршенство, или смрт“.
Денешниот модерен Охрид е културен, спиритуален и пред се туристички центар на Република Македонија.
Планината Галичица нуди одлични можности за развој, покрај на летниот, и на зимскиот туризам. Овој неискористен капацитет, треба да предизвика сериозни планови за наредниот период.
Во еден период од годината поприма димензии на втора столица, од политички аспект. Близината на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ нуди можности за лесен и брз транспорт од и до Охрид во текот на целата година.
Охрид е домаќин на голем број реномирани фестивали, како што е Охридско Лето, најзначајната музичко сценска манифестација, македонскиот културен прозорец кон светот. Балканскиот фолклорен фестивал и Balcan Music Square, заедно со фестивалите на новокомпонирани народни песни и забавни нумери, само ја докомплетираат сликата за културното живеење на Охрид.
Супер радио
Време








