Вторник, 27 Јули 2010 11:31 (Прочитано: 62 пати)
Охридскиот градоначалник Александар Петрески, денес замина на посета во градот Јалова, Турција, со цел официјализирање на збратимувањето на двата града Охрид и Јалова.
Одлуката за збратимување на Охрид со овој град во Турција беше донесена и на последната седница на Советот на Општината. Градот Јалова се наоѓа во близина на Инстанбул и по многу елементи потсетува токму на Охрид.
- На 7-ми август градоначалникот на Јалова ќе дојде во Охрид, да потпишеме и овде документ за збратимување на двата града. Одлуките на советот веќе се донесени, и со тоа веќе можеме да сметаме дека сме збратимени со овој град, изјави Петрески пред неговото заминување.
На последната седница на советот, советниците ја изгласаа предлог-одлуката за збратимување на Охрид со Јалова. Двата града имаат многу заеднички карактеристики, додава Душко Јаковчевски, претседател на Советот на Општина Охрид.
- Градоначалникот и заменикот градоначалник на градот Јалова, беа во Охрид пред извесен период. Овој град е во близина на Истанбул и историски, културно и по број на жители е многу сличен на Охрид, објаснува Јаковчески.
Градот Јалова, како еден од позначајните историски градови, има посебно историско и културно значење значење не само за Турција, туку и за регионот.
Со овој град е поврзана и историјата за Кемал Ататурк, „Таткото на Модерна Турција". Последните 10 години од својот живот Ататурк ги поминал токму во овој град.
Супер радио
Време








