Вторник, 27 Јули 2010 11:34 (Прочитано: 39 пати)
Актерката Јоана Поповска вечерва во рамките на фестивалот „Охридско лето“ ќе ја изведе монодрамата „Љубов моја“, која режисерот Љупчо Ѓорѓиевски ја работеше според дела на повеќе автори.
Во предворјето на на катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид Поповска го одбележува јубилејот - 50 години творештво. Со претставата „Љубов моја“ таа учествувала на неколку фестивали и добила признанија. Музиката за претставата ја направи Марјан Неќак, сценографијата е на Драган Ангеловиќ, а костимите на Благој Мицевски.
- Фикцијата е свесно лажна претстава - и покрај нејзината невистинитост, со право се смета корисна зашто ни помага да го поднесеме животот. Не е точно дека она што е добро мора да е вистинито. Има штетни вистини и плодни заблуди, а во нив спаѓаат сите наши идеали. Врз таа основа го градам својот однос кон животот и кон светот - вели Поповска, која е доајен на нашето глумиште.
Во својата богата актерска кариера одигра повеќе од 300 улоги од светската, европската и домашната драматургија. Останаа запаметени нејзините ликови: Офелија во „Хамлет“, Дездемона во „Отело“, Живка во „Г-ѓа министерка“, Мара во „Свадбата на Мара“, Велика во „Пиреј“, „А“ во „Трите високи жени“, Ана во „Дама за еден ден“, Војводката од Јорк во „Ричард III“, Елени во „Зет за Кристина“, Варвара во „Последните селани“ и многу други.
Супер радио
Време








